Лична карта на училиштето

Населбата Миравци е сместена во јужниот дел на Република Македонија. Оддалеченa е 25 километри северно од Гевгелија и 15 километри западно од Валандово. Територијата на Миравци зафаќа површина од 166 км2 и има 2626 жители. Миравци е богато со културно историски обележја и обичаи. Меѓу највпечатливите се Ѓура Мара, Белиот мост, Русалиите, изворните народни носии, песни и обичаи.

Image Image

Школството во Миравци

Школството во Миравци има длабоки корени-150 години. Првото училиште било отворено 1884 година, а за прв учител бил назначен Глигор Божинов.
Наставата се реализирала во куќи и црковни објекти. Како доказ за кажаното е тоа дека на територијата на Миравци се пронајдени “Алфавитарии“-букварки од Кирил Пејчиновиќ, како и неговите “Огледало“ и “Евангелие“.
Во 1925 година, со голема помош на рускиот учител Трофим Сахненко, била изградена училишната зграда во која се изведуваше настава се до 1996 година кога се преселивме во новата училишна зградa.
Новата училишна зграда е современа градба која оптимално ги задоволува условите за реализација на современа настава. Наша гордост е и убаво уредениот двор и новата фискултурна сала. Нашето училиште има долга традиција на учество на општински, регионални, а понекогаш и на републички натпревари. Во годините наназад имаме освоено повеќе републички и регионални први награди и признанија по биологија, хемија, физичко и здравствено образование, македонски јазик, сообраќајно образование, прва помош, библиотекарство и др. По математика, минатата учебна година, наш ученик од седмо одделение освои бронзен медал на јуниорска балканска олимпијада!! Училиштето работи според државните наставни планови и програми за сите задолжителни и изборни наставни предмети.



Првиот училишен одбор

Image

Современата училишна зграда

Image Image

Училиштето денес

ООУ "Св.Климент Охридски" Миравци опфаќа ученици од I до IX одделение од Миравци, Петрово, Милетково, Смоквица и Давидово. Во централното училиште во Миравци има 142 ученици распоредени во 9 чисти паралелки од I до IX одделение. Во подрачните училишта во Милетково, Смоквица и Давидово има 22 ученици распоредени во три комбинирани паралелки. Наставата се изведува на македонски наставен јазик, во една смена. Условите за работа се оптимални во централното училиште и во подрачните.

Мисија

"Принципи на кои се темели работата на нашето училиште се: создавање услови за развој на демократичноста и индивидуалните способности на учениците, ефикасност во образованието, воведување на основните воспитно образовни стандарди, развивање на соработката меѓу учениците, наставниците и родителите, поврзување со локалната средина, меѓуетничка интеграција и интеграција на децата со пречки во развојот. Поаѓајќи од овие општи и заеднички принципи, нашето училиште оформи и усвои своја мисија на која се темели реализацијата на развојниот план на училиштето."

Изјавата за мисија на нашето училиште е:
"Нашето училиште во интеграција со стручни институции им помага на наставниците кои се подготвени за промени и понатамошно усовршување на работата со учениците"


Визија

Иднината е најсуштествена нишка која е вплотена во сите пори на училишното живеење. Децата се иднината. Оваа мисла е преточена во нашата нова визија.

Изјава за визија на нашето училиште е:
"Сакаме нашето училиште да образува ученици кои поаѓајќи од традицијата на својот народ, вдахновени со мудрост и труд, почитувајќи ги различносите, да ги достигнат врвовите на сопствените можности!"